Откако во јавноста се појави информација дека хронично болните лица ќе се вратат на работа, со реакција на социјалните мрежи излегоа пациентите со карцином и нивните семејства преку Здружението Љубов сме-Jemi dashuri.
- Непочитувањето на мерките и препораките, како и скептичноста кон опасните последици од коронавирусот, ги стави на општествените маргини лицата со карцином. Здружението за помош и поддршка на лица со малигни заболувања Љубов сме-Jemi Dashuri осто реагира на предлогот на Комисијата за заразни болести, хронично болните лица веќе да не бидат ослободени од работа.
Со враќањето на работните места пациентите со карцином, кои и онака веќе се со кревко здравје, се ставаат во животозагрозувачка состојба. Преку оваа писмена реакција Здружението би сакало да апелира до надлежните да не дозволат цената од собиранките, групирањата и живеењето „со полна пареа“ да ја платат луѓето кои поради својата болест спаѓаат во ризичната група.
Би сакале да потсетиме дека поради пандемијата многу од луѓето кои неодамна ја добија дијагнозата рак, беа принудени наместо во јавните, да се оперираат во приватните здравствени установи, а оние коишто немаа средства за да си го дозволат тоа беа ставени на листа на чекање. Оние кои веќе се оперирани се оневозможени да ги направат контролите на време, со што секако ризикуваат од влошување на здравствената состојба. Дополнително нивното здравје го загрозува и стресот што им го предизвикува фактот дека покрај со болеста карцином, тие би можеле, за да го сочуваат својот живот, да се борат и со предизвиците што ги носи новиот вирус, а со тоа повторно да мора да талкаат низ здравствените лавиринти.
Ве повикуваме да ја преиспитате одлуката за враќање на работа на хронично болните на работа, особено за оваа категорија на лица кои се најранливи и со намален имунитет каде и обична настинка може да заврши со фатален исход.
Одлуката да се вратиме на работа доаѓа во период кога се очекува нов посилен бран на ковид-19, а познато е дека и најголема смртност од овој вирус има кај лицата со хронични болести. Дополнителен ризик ќе биде и појавата на сезонски грип што го доведува во опасност нашето физичко присуство на работа. Ве молиме да ни излезете во пресрет и да не’ заштитите исто како што ги заштитивте другите категории лица, вклучувајќи ги породилното отсуство, бремените жени и децата, бидејќи секој живот е важен!, велат од Здружението.