Во среда граѓански буџетски форум „Моја заедница. Моја визија“, целта е наметнување нов начин на носењето на градските политики

Граѓански буџетски форум на Град Скопје за 2021 година под наслов „Моја заедница. Моја визија“ кој директно ќе ги вклучи граѓаните да ги изразат своите грижи и ставови за градските политики ќе се одржи во среда, на 16 септември, во организација на Здружението за заштита на животни и животна средина Е.Д.Е.Н.

Активистката за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на Град Скопје, Драгана Велковска денеска на прес-конференција пред градскиот совет образложувајќи ја идејата, соопшти дека на форумот ќе учествуваат повеќе граѓански организации, но и поединци и граѓани кои низ процес на дебата и гласање за предлозите кои ќе ги утврдат како важни ќе наметнат еден нов начин на носење на градските политики.

– Целта на овој форум е да се наметне еден нов начин на носењето на градските политики, еден нов начин на целосно вклучување на граѓаните и всушност артикулирање и реализирање на нивните приоритети преку градското финансирање, односно градскиот буџет, посочи Велковска, додавајќи оти градот во иднина мора да го применува овој модел како инклузивен процес со акцент на вистинските приоритети и проблеми со кои се соочуваат Скопјани секој ден.

Велковска информира дека овие предлози како резултат од буџетскиот форум ќе ги поднесе веднаш преку архивата на Град Скопје, како иницијатива за зелен и хуман град која ќе бараат градското раководство да ја вклучи и инкорпорира во финалната верзија на буџетот која ќе им биде дадена на гласање на советниците за 2021 година.

Политикологот и граѓански активист Иво Босилков, на прес-конференцијата рече дека на форумот ќе се дискутира, ќе се претставуваат темите за кои ќе се дискутира и околу тоа ќе има излагање од активистите кои ќе бидат во улога на насочувачи на дискусијата и на целата процедура.

– За нас ова е на некој начин само почеток на еден долгорочен проект чија конечна цел е радикална трансформација на институциите кои во моментов се дисфунционални и корумпирани. Тоа што ќе се случува на форумот е практично една демонстрација на способноста на граѓаните сами да носат одлуки во сопствен интерес без тоа да биде спроведувано од таа партиско-политичарска класа во нивно име и тоа што ние сакаме е всушност да им ја вратиме моќта на граѓаните, меѓутоа вистински да им ја вратиме преку воспоставување на нови стандарди во демократијата на партиципација и граѓанска делиберација, нагласи Босилков.

Иницијативата „На точак“ на форумот ќе презентира осум предлози кои би биле во служба на граѓаните кои го користат велосипедот за транспорт.

Организациите што досега се пријавиле со свои предлози на формуот се „На точак“, „Биди зелен“, Првата детска амбасада – „Меѓаши“, „Ромалитико“, „Полиоплус“, Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ и организации кои се грижат за ранливи категории граѓани како „Една може“, кои се грижат за самохрани семејства и самохрани мајки.

Прашана за последниот извештај на Европската агенција за животна средина која на листата не рангираше како земја со најголем број смртни случаи со земјите од регионот поради загадувањето, Велковска истакна дека неопходно е секој град да има стратегија која е натпартиска.

– Ние немаме една визија наметната од академици, од стручната фела која кажува вака мора да се развива Скопје, имајќи ги предвид сите научни податоци со кои располагаме, вклучително и нашето високо рангирање на оние листи на црни статистики. Тоа значи дека ние немаме повеќе ни минута губење за контрадикторни политки. Ние мора да се насочиме јасно кон одржлив развој, кон зелено хумано Скопје, рече таа.

На форумот, како што истакна, ќе имаат предлог за поставување на мерачи на загадувањето на воздухот кои ќе бидат во градска надлежност, односно да бидат поставени доминантно на објектите кои се во градска надлежност и со тоа да можат да се лоцираат конкретно загадувачите.

Освен мерачи, додаде, здружението Е.Д.Е.Н. на форумот ќе предложи да се постават фотоволтаици.

– Фотоволтаиците значат производство на чиста енергија од сонцето, а ние според научни истражувања имаме 280 сончеви денови во Македонија, имаме огромен потенцијал да можеме да ја користиме таа енегрија и според некои научни податоци, само 0,6 отсто од нашата територија е доволно да се покрие со фотоволтаици за да се задоволат потребите на целата земја. Значи едно целосно, хумано решение во корист на сите нас, и на луѓето и на животните и на животната средина. И тоа сметаме дека е единствениот начин и правилен пат за развој на овој град, додаде Велковска.

Според неа, загадувањето во градот не доаѓа доминантно од домаќинствата

– Јас присуствував на јавна расправа кога се презентираа тие студии и во самата студија стои дека има методолошки пропусти и дека тие факти не може да се земат како универзална вистина, туку дека се потребни дополнителни истражувања. Самата студија си ги кажува пропустите во процедурите, така што не може апсолутно да се смета дека тие кои ги добиваме како пласирани готови вистини дека е вистина. Науката си е јасна, дека ние немаме досега ниту една сеопфатна студија каде неселективно се спровело тоа истражување, додаде Велковска.