Откако министерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов во едно од своите телевизиски интервјуа се закани дека ќе испрати полк во Македонија кој ќе ги сруши спомениците доколку пред нив не биде ставено дополнително објаснување по теркот на Преспанскиот договор а со кои Бугарија нема да биде дефинирана како фашистички окупатор, поддршка за оваа идеја даде и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.

Тој преку фејсбук отиде чекор понатаму и предложи наместо зборовите „бугарски фашистички окупатор“ да се користи терминот „бугарска администрација составена главно од Македонци“

„Очигледно за многу наши соседи во Скопје, митовите за комунистичкиот отпор се основа за нивниот „етнички идентитет“. Затоа, за да ги „погребаме“ митовите за „првата пушка“ и целата митологија, но и да бидеме барем малку пообјективни кон историските факти. Затоа предлагам на владата во Скопје сите плочи на кои пишува „бугарски фашистички окупатор“ да се заменат во „германскиот нацистички окупатор на Кралството Југославија и привремената бугарска администрација составена главно од Македонци“.

За да се избегне гневот, можат да се направат неколку споменици во западна Македонија со „италијанскиот фашистички окупатор“.

Јас дури предлагам темата да се дискутира со германските власти што е можно побрзо, со цел да се покријат трошоците за замена на стотиците споменици и плакети низ цела Македонија“, напиша Андреј Ковачев на неговиот фејсбук профил.