Здружението на граѓани – Центар за еколошка демократија Флорозон Скопје денеска, во рамки на проектот „Еднаков пристап за ефективна правда”, организира трибина за адресирање на еколошките прашања во Гевгелија.

Од трибината се очекува да произлезе петтата по ред иницијатива на Коалицијата за животна средина.

– Ќе се адресираат најактуелните еколошки прашања кои ги засегаат граѓаните од Гевгелија, а се однесуваат на статусот за изградба на рудниците за злато на Кожуф Планина, присуството на арсен водата, дивата сеча, загадувањето од индустриските капацитети и други значајни теми. На трибината учество ќе земат претставници од локалната самоуправа, јавните претпријатија, централната власт, ГО, како и граѓаните од град Гевгелија, најавува Флорозон.

На настанот ќе се промовира и механизмот за бесплатна правна помош, како и неговата примена при остварување на правото за здрава животна средина, ќе се изврши дисеминација на документите развиени во рамки на проектот Компаративна анализа на постоечки модели на правна помош во и надвор од EУ и најдобри практики, Кратка брошура за добри практики за пристап до правда од областа на животна средина и Водич за користење бесплатна правна помош.

Проектот „Еднаков пристап за ефективна правда” е финансиран од ЕУ, а трибината се организира во соработка со Changemakers4all.

Во Коалицијата за животна средина чија цел е да овозможи поголема видливост и влијание на граѓанското општество во демократските процеси на локално и национално ниво, членуваат 32 граѓански организации од државата.