Деветнаесетиот ОФФест. продолжува со македонска вечер. Надоврзувајќи се на традицијата на претставување на домашната сцена на ОФФест вечер во Македонската филхармонија ќе настапат Добрила & Дориан Дуо и Баклава.
Дуотот Добрила и Дориан ќе се настапат со проект кој ќе биде премиерно изведен, а и Баклава ќе се претстават во едно ново, освежено издание.
Групата Баклава е оформена во 2005 година, како резултат на спојот на индивидуалните музички искуства на нејзините членови во своите проекти, но и низ соработките со други музичари и бендови. Своето музичко патешествие го започнаа како квартет, со минималистички музички концепт: звук составен од женски вокал, два жичани (тамбури) и еден удирачки народен инструмент (деф). Бендот има снимено четири албуми: „Баклава“ (2006), „Калемар“ (2008), „Me Mankas Mucho” (2011) и штотуку издадениот „IV” (2020). Имаат работено музика за неколку филмови, а настапувале во повеќе европски земји: Белгија, Франција, Шпанија, Германија, Чешка, Италија, Данска, Турција, Словенија, Романија, Србија и Бугарија.
Домашната публика ги познава Добрила и Дориан како дел од тимот на Чалгија саунд систем. Добрила е сопственик на несомнено еден од највпечатливите вокали на овие простори. Дориан е мозокот на неколку проекти и бендови, меѓу кои најпознат е String Forces. Двајцата неодамна започнаа една нова приказна којашто ја опишуваат како „мека офанзива на амалгамизирање на гласот, утот, луповите и импровизацијата“. Од една страна, Добрила ги пее македонските песни, но и си игра со тишината, со мелодијата која не мора секогаш да биде тон, туку и шум, а од друга, Дориан свири на ут – инструментот претходник на денешната гитара, пронаоѓајќи ја највисоката точка на луповите и прстометот по шест жици, помеѓу макамите и западните скали. Добрила го добила своето знаење откривајќи ја покривката на македонското музичко-пејачко наследство на Вања Лазарова, Мирвет Беловска, Кирил Манчевски, но и од влијанието на слободните истражувачи на инаквиот начин на пеење и изразување. Дориан Јовановиќ, пак, работејќи на своите неколку проекти (String Forces, Axiotomic, Dorian Jovanovic oud quartet) го синтетизира до максимум насобраното знаење и искуство и го изнесува на виделина тoкму во овој проект, којшто ќе доживее своја вистинска премиера на ОФФест.
ОФФест. се одвива целосно во согласност со протоколот за одржување на концерти во затворен простор, а следејќи ги најновите препораки на Комисијата за заразни болести, почетокот на концертот е во 19:00.
Годинашното издание на ОФФест во вторникот беше отоврено со извонредниот настап на фасцинантната каталонска пејачка Силвија Перез Круз (Sílvia Pérez Cruz), што истовремено претставуваше и светска премиера на нејзиниот најнов проект „Фарса“ (Farsa).