Веќе неколку недели во Тетово нема третирање на бездомни кучиња, што резултираше со нови вакви животни кои ги напаѓаат жителите на градот.
Во СВР Тетово токму изминативе три недели се бележат чести пријави од граѓаните за вакви напади. Причина за состојбата е завршувањето на последниот трет тендер согласно кој ветеринарна ординација од Тетово вршеше соодветен третман на бездомните кучиња. Тие двапати добија по 600 илјади денари и третиот пат милион денари.
-Завршија средствата предвидени со последниот трет тендер на Општина Тетово. За сите три тендери се третирани околу 300 кучиња. Постапката за едно куче е околу 9000 денари, зависи од примерот. Предвидува анализа на крвта, утврдување лишманија и во таков случај еутанизија, како и вакцина за беснило, стерилизација и поставување на чип, објаснува ветеринарот Рами Селмани, чија ординација работеше на третирање на кучињата во рамки на трите тендери.
Според Селмани општините немаат доволно средства за посеопфатен третман на животните. Тој смета дека на национално ниво треба да се решава ова прашање.
-Средствата се на годишно ниво, но се додека има пари. Сметам дека тоа треба да биде неограничено и да плаќа државата, да нема паузи и да има за сите општини, да не биде само една општина. Пример тука се само Тетово и Теарце, но само со тендери кои се ограничени поради средствата, смета тетовскиот ветеринар.
Уште во јули оваа година градоначалничката Теута Арифи изјави дека Општина Тетово нема повеќе пари за зголемување на можноста околу справувањето со бездомните кучиња.
Посеопфатно и системско работење преку соодветна служба или институција, како што рече, е возможно само во склоп на полошкиот плански регион.