Во услови на пандемија од Ковид 19, со доза на резерва и почитување на протоколите стружани сакаат да следат културни настани, а уште повеќе сакаат да читаат книги. Овие информации, како и за тековни и идни проекти во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга во интервју за МИА открива директорката Николина Велкоска – Глигороска.

Светот се наоѓа пред голем предизвик со коронавирусот, од тоа не е изоставена ниту Струга. Но колку кај струѓани во услови на пандмија има интерес за следење културни настани?

– Интересот постои, меѓутоа присутна е и доза на страв кај љубителите на културата. За жал таа е таа нова реалност, меѓутоа сепак на досегашните настани во делот на фолклорната и сценско – уметничката дејност, како и во делот на музичко – сценска дејност успешно, под строги протоколи беа реализирани и традиционалните концерти на КУД „Илинден“ и концертот на Студиото за модерен танц „БАХ“ од Струга.

Колку граѓаните ги почитуваат протоколите за заштита од Ковид 19 при следењето културни настани?

– До овој момент не сме имале проблем во однос на почитување на протоколите. Во текот на секојдневните активности се мери температура на секој кој влегува во нашата установа, се користат дезинфекциски средства, носењето маски е задолжително, како и пропишаната дистанца. Центарот за култура во овој период на пандемија посебно става акцент на хигиената во сите простории, со секојдневна дезинфекција, нивно проветрување, а се со цел безбедни услови за посетителите. До овој момент работите течат нормално, но со посебна организација на вработените и работниот процес. Целта е максимална заштита на посетителите и вработените во нашата културна установа.

Дали има промена на програмската шема поради пандемијата?

– Во Националната установа – Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга нема некои поголеми поместувања на активностите, единствено на дел од настаните им беше сменет периодот на реализација, поради затварањето на библиотеката и откажувањето на поголеми културни собири. Програмските активности секојдневно се реализираат согласно протоколите за начинот и условите за организација на настани и протоколи за работа на библиотеки. Изминатите денови на репертоар во Центарот за култура „Браќа Миладионовци“ – Струга премиерно пред струшката публика беше прикажан и најновиот долгометражен филм на режисерот Игор Иванов – Изи.

Библиотеката е под надлежност на Центарот за култура, па ќе може ли да ми кажете колку во услови на пандемија се читаат книги во Струга?

– Можам слободно да кажам дека интересот во овој период е голем. А исто така и во перидот кога согласно препораките и уредбите на Владата библиотеките не работеа имавме чести повици од читателите во смисла кога најбрзо ќе можат да дојдат во нашите простории да ги позајмат омилените наслови. Интересот продолжува и во овој период посебно после набавката на новиот книжевен фонд во нашата библиотека и тоа најновите бестселери. Најбарани се делата на Бракли, Лиса Клејпас, Колин Хувер, Гиом Мисо, Лусинда Рајли… Секако мора да ги спомнеме и читателите од училишна возраст кои се заинтересирани за лектирните изданија.

Кои се тековни проекти на Центарот за култура?

– Во моментов во тек е реализацијата на проекти од годишната програма за 2020 година, поточно проекти од визуелни уметности, архитектура и дизајн. Станува збор за реализацијата на ликовни изложби и проекции и тоа: Меѓугалериска соработка и изложбата „Состојби на Флоресценција“ која прикажува повеќе дела на двајцата главни основачи на уметничкото движење „флоресценсизам“, уметничко движење основано неодамна, во текот на самата пандемија.

Претходно беа реализирани уште две изложби и тоа ДРИМОН и изложбата на Владимир Младеноски. Исто така според програмата во текот на следниот период ќе се реализираат уште три изложби.

Во тек е формирање на детско хорче „Распеани стружанчиња“, а се формира и клуб на читатели.