Во рамки на 53. Детски Рацинови средби и во организација на Општина Велес и Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“, денеска беше промовирана збирката раскази „Детства“, дебитантска книга на Наташа Брезовска-Богоевска.

Содржи 16 раскази, секој напишан со едноставен стил и со порака за другарството, емпатијата, одговорноста, пожртвуваноста и за други вредности кои треба да ги има човекот.

Промоторот Филип Димкоски рече дека тоа се пораки за децата, но и за возрасните, и треба да се дел од воспитно-образовниот процес и затоа, рече тој, добро е книгата да ја прочитаат и родителите и наставниците.

Авторката Брезовска-Богоевска, долгогодишен наставник по македонски јазик, посочи дека за да ја напише книгата била инспирирана од секојдневните контакти со децата, нивната смеа, тага и радост.

– Следејќи ги децата постојано, сфатив дека повеќе го вреднуваат материјалното од духовното. Токму тоа ме поттикна да ја напишам книгата раскази со која сакам да им укажам на вистинските вредности – другарството, чесноста, одговорноста. Тие се вистинските безвременски вредности кои треба да се негуваат, потенцираше Брезовска-Богоевска.