„Концептот ’магичен реализам’ како културолошки феномен“ е нова книга на Драгана Евтимова, која се занимава со дефинирање на поимот магичен реализам.
Книгата е краток историски осврт и типологизација низ примери од книгите „Храпешко“ на Ермис Лафазановски, „Опсада на црквата Свети Спас“ од српскиот автор Горан Петровиќ и „За подносливоста“ од словенечкиот автор Алеш Чар.
Авторката се обидува да го разјасни концептот на магичниот реализам преку компарирање со сродни термини со цел попрецизно да го дефинира терминот, како што се: надреализмот, фантастиката и реализмот.
– Концептот магичен реализам како културолошки феномен е примамлив за анализирање од повеќе аспекти: покрај тоа што вклучува повеќе сфери од секојдневниот живот, овој термин, кој има оксиморонска природа, брзо ја ревидира желбата на читателите и видливиот свет го темели врз различни стојалишта, наведува рецензентот Душко Крстевски.
Драгана Евтимова (1984) ги има објавено книгите: „Постоењето на динамиката“; „Јас сум некаде на друго место“; „Фусноти по сеќавање“; „Се гледаме наскоро. Е.“ (епистоларен роман, напишан со визуелниот уметник Владимир Лукаш) и „Растојанието меѓу две точки“. Евтимова членува во Друштвото на писатели на Македонија и преведува од словенечки јазик.