Сушниот период го преполови нивото на хидроакумулациите во Струмичко, но нивото не е критичното, бидејќи заврши сезоната за наводнување, а вода за пиење за градот и населените места има доволно.
Според денешните мерења најмалку вода има во најголемата брана-„Турија", додека во останатите нивото е на половина.
-Помалите акумулации „Новоселка", „Маркова река" и „Иловица" лесно ќе се наполнат само со еден поголем дожд, додека во „Турија" се насобрани над 14 милиони кубни метри вода од вкупно 50 милиони. Во „Водоча" има скоро 13 милиони од вкупен капацитет од 27 милиони кубни метри вода, информира Лазо Ѓоргиев, директор на АД Водостопанство на Македонија-Подружница „Струмичко Поле", Струмица.
Тој додава, дека доколку продолжи лошата хидролошка состојба може да се очекува намалување на површините кои се наводнуваат од „Турија", но, оти до почетокот на наредната сезона има време и ако има поинтензивни врнежи од дожд и снег, тогаш нема да има потреба од рестрикции.
Од акумулацијата „Турија" градот Струмица троши меѓу 5 и 6 милиони кубни метри вода за пиење годишно, а за наводнување се користат 18 милиони кубни метри вода, додека од браната "Водоча" се трошат околу 6 милиони кубни метри вода за наводнување.
Инаку, системите за наводнување во Струмичко се стари над половина век и се од отворен тип што предизикува загуби на водата. Надлежните сметаат дека е потребна инвестиција за изградба на систем од затворен тип со што значително ќе се подобри наводнувањето.