Мечето Теди е пуштено да шета слободно низ паркот на танцувачките мечки во бугарската општина Белица.

Граѓанскиот активист и портпарол на ЗОО –Скопје, Тина Мицковска преку статус на фејсбук информираше и сподели фотографии на кои се гледа Теди како слободно шета во новиот дом, наместо во малиот кафе во ЗОО паркот во Штип.

-За убав ден, Теди е пуштен надвор во новиот дом во паркот Белица. После неколку денови карантин, мечето конечно ужива. Нема веќе решетки, нема веќе влажен бетон. Како насмеан и среќен е на фоткиве, се расплакав, напиша Мицковска.

Мечето Теди од штипскиот ЗОО парк замина на 5 ноември или пред шест дена во паркот на танцувачките мечки во Белица, соседна Бугарија. Одлуката беше донесена пред десет месеци откако тим и ветеринари од организацијата „Четири шепи" и од паркот во Белица беа во посета, но и да му ги извршат сите потребни прегледи. Целата организација околу наоѓање на соодветно живеалиште за мечето Теди е на граѓанската активистка и портпарол на Зоолошката градина во Скопје, Мицковска.

Во наоѓање на ново живеалиште за Теди беа вклучени и и Ѓорѓи Галетановски, Благој Бочварски поранешен градоначалник на Штип, како и Министерството за животна средина и АХВ. Кафезот во штипскиот ЗОО парк имаше само 15 м/2, а новото живеалиште на Теди е 150.000 м/2.