Здружението „Изгрејсонце“ во соработка со Green European Foundation од Белгија организираше онлајн конференција на платформата Зум, на тема „Фер и одржлив туризам“.
Соговорниците на конференцијата преку презентации го прикажаа развојот на туризмот во неколку европски земји и во нашата земја, пред и за време на пандемијата на коронавирусот.
Александар Ѓорѓиевски, национален координатор на проектот „Фер и Одржлив туризам“ истакна дека преку дискусија ќе се истакнат трендовите во Европа, во последните децении во неколку земји, со што ќе бидат поставени нови критериуми во туризмот и кон што треба да се стремат во иднина, за развој на туризмот во нашата земја.
Во воведниот дел говореше Маја Морачанин, пратеничка во Собранието на РСМ и член на партијата ДОМ, при што истакна дека темата за развој на одржлив туризам е дел од зелените теми на партијата и дел од тоа кон што се стреми партијата ДОМ, развој на зелената економија.
– Тоа што во изминатите години беше тренд е развојот на таканаречениот масовен туризам, мислам дека последиците од тој тренд ги гледаме веќе во изминатите неколку години и децении и тоа е можеби и најдобриот показател кој реално ни дава увид дека навистина е потребна транзиција од таков масовен туризам кон одржлив туризам односно еко туризам, нагласи Морачанин.
Таа додаде дека целата ситуација со пандемијата на коронавирусот покрај тоа што го погоди угостителството и туризмот, од друга страна го потврдува тоа што како зелена партија со години го зборуваат, односно дека масовниот туризам не е одржлив и дека е штетен за животната средина и климата и има економски бенефит само за одредена група луѓе која е повеќе во бизнис сферата, а локалното население нема толку голем бенефит.
Ведран Хорват, лидер на проектот, истакна дека главната идеја за предлог на овој проект е да најдат начини како би можела да се трансформира туристичката индустрија на начин на кој што ќе го намали отпечатокот на јаглерод во средината, односно да го минимализира или неутрализира ужасниот штетен аспект во поглед на домаќинствата и да израмни други нееднаквости во општеството.
Хорват истакна дека овој проект е дел од зелената европска фондација, кофинансиран од Европскиот парламент, а како дел од проектот се вклучени Северна Македонија, Австрија, Србија, Хрватска и Шпанија.
Проектот е предвиден да функционира три години, а ова е прва година, што започна со истражување, односно анализи во државите и размена на искуства за различен начин на развивање во државите вклучени во проектот.
Серџи Алеге од Фондацијата Нови Хоризонти од Шпанија дискутираше на тема „Туризам од песок и сонце во Каталонија“. Тој истакна дека за време на олимписките игри во 1992 година, што се одржале во Барселона, порастот на туристи во Шпанија бил на многу високо ниво.
– Барселона има добро крајбрежје, добра клима, а можам да посочам дека имаме и добра храна, исто така доброто нешто за Барселона е што таа е помала во споредба со градови во Централна и Северна Европа, густо е населена и може да стигнете пеш до кое било место.
Алеге додаде дека во 1991 година, пред почетокот на Олимписките игри, во Барселона имало околу 800.000 туристи, додека минатата година само во Барселона имаше 12 милиони туристи, што создаде големо влијание бидејќи не е централен град, а многу од јавните згради се користат секојдневно и од обичните луѓе, создавајќи многу проблеми, како на пример, проблеми со водата, што доведоа до создавање антитуристички движења не само во Барселона, туку и во цела Шпанија.
Клаус Мерш од ФРЕДА, Зелена политичка академија од Австрија вели дека во поглед на туризмот, Австрија се наоѓа некаде помеѓу Шпанија и Хрватска. Австрија како држава има голем туристички интензитет и одржлив број на туристи на се повисоко ниво.
Како области што имаат голем проблем со домашниот и излезниот туризам, Мерш ги посочи Салцбург, со големите гужви во центарот на градот и во хотелите, Халштат, мало село кое е многу популарно особено меѓу туристите од Кина и алпскиот туризам.
Ана Петровска, како претставник на нашата земја говореше за одговорен и одржлив туризам, конкретно за туризмот во Охрид. Таа истакна дека туризмот е сам по себе многу комплексен и има своја социјална и институционална, економска, политичка и еколошка димензија.
– За да обезбедиме одржливотст на туризмот, туристичките движења треба да ги реориентираме од квантитет кон квалитет, односно економските проекции за раст на бројот на ноќевња да вклучат еколошки компнента, особено сега кога пандемијата на коронавирусот во светот не учи да направиме сериозни промени во сите области, вели Петровска.
Петровска истакна дека во Охрид во 2008 година имало не повеќе од 200 објекти за приватно сместување, додека во 2017 година имало околу 2.100 објекти, а во моментов има 13.000 кревети во приватно сместување, што укажува на голем интерес да се вложува во туризмот, односно во масовен туризам.
Таа потенцира дека во моментов се врши силен притисок од УНЕСКО, меѓународни научници и граѓански организации па и од загрижени граѓани да се промени начинот како се планира и спроведува политиката за развој на туризмот во Охрид.
Како заклучок Петровска истакна дека масовниот туризам врши негативно влијание врз културните, социјалните и еколошките вредности и неопходно е да се воведат форми на туризам што нема да бидат деструктивни и нема да доведат до уништување на сите атракции поради кои всушност туристите го посетуваат Охрид.