Водите на Дебарското Езеро денеска се збогатени со 4.000 единки помладок на крап.
Порибувањето е направено благодарение на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – сектор рибарство, бидејќи езерото нема економски концесионер.
– Кај градската плажа беа пуштени 405 килограми односно околу 4.000 единки крап со просечна тежина од по 100 грама,изјави за МИА, Дритан Боцку, претседател на Спортското риболовно друштво „Трофта“(пастрмка).
Додава дека оваа активност е добредојдена и е прва од ваков вид годинава, со што многу ќе се придонесе во збогатувањето на рибниот фонд.
Боцку најави дека како концесионер на езерото за рекреативен риболов, во средината на следнот месец езерото ќе го порибат со подмладок од крап и пастрмка.
СРД „Трофта“ ја доби концесијата во ноември минатата година и има организирано рибочуварска служба, со што на минимум е сведен нелегалниот риболов.
Боцку информираше дека на Дебарско Езеро во тек е забрана за риболов на пастрмка, што ќе трае до 31 јануари 2021 година.
Во име на друштвото тој го повтори барањето до ресорното министерство да не издава концесија за економски риболов,за што,како што вели, имаат целосна поддршка и од локалната власт.
Сакаме, посочува, да му го вратиме епитетот на богато езеро со разновиден рибен фонд, како што тоа беше порано.