Младински образовен форум (МОФ) во соработка со Здружението за развој на урбана култура и актуелизација на простор МЕЛЕЕМ Скопје, денеска ја постави третата и последна мала просторна интервенција во студентскиот дом „Браќа Миладиновци“ во Штип. Интервенцијата е дел од проектот „Ангажирани студенти за студентски домови без корупција во Северна Македонија“, поддржан од Фондацијата Отворено општество.
МОФ соопшти дека идејата произлегла од работилницата за мали просторни интервенции во студентските домови која се одржа во февруари, а во која учествуваа студенти по архитектура од целата држава. Со неа се збогатува и облагородува просторот во кој ќе престојуваат студентите и се создава дополнителен простор во кој студентите на отворено ќе можат да го поминуваат своето време.
-#ШТРИП во Штип е името на просторната интервенција во рамки на студентскиот дом „Браќа Миладиновци” во Штип. Таблата на која стои натписот на оваа институција е единствениот знак кој укажува на тоа дека во овој објект живеат студенти. Директниот излез кон тротоарот, односно булеварот, оневзможил да се формира отворен јавен простор во рамки на студентскиот дом, коj би ги задоволил потребите на студентите. Оттука произлезе и идејата за мала просторна интерполација, која максимално ќе ги искористи просторните зададености. Просторната интервенција #ШТРИП има за цел да дефинира нов јавен простор кој припаѓа на една од најважните, а истовремено и најмаргинализирани групи – студентите, соопшти МОФ.
Милка Докузова, ментор на просторната интервенција, изјави дека целта на овој простор е да го промовира социјалниот живот, критичката мисла и размената на идеи помеѓу студентите, а воедно и да придонесе кон зголемување на нивната видливост и важност во општеството.
Просторната интервенција во студентскиот дом во Штип е последна интервенција во државните студентските домови, по претходните во „Пелагонија“ во Скопје и во „Кочо Рацин“ во Битола.