Општина Куманово распиша јавен оглас за доброволно пријавување во партиципативното тело, соопштија денеска надлежните. Учесниците ќе можат да даваат сугестии, забелешки, предлози при процесот на донесување на урабнистички решенија.

Во текот на јавниот оглас, заинтересираните физички лица може да се пријават во писмена форма преку писарницата на Општината како претставници на: невладини организации од различни сегменти на урбаниот живот, здруженија на граѓани и граѓански активисти, како и граѓани што се стручни лица од областа на урбанистичкото планирање и други стручни области суштествени за планирањето и одржливиот развој на градот.

– Јавниот оглас се распишува во согласност со Законот за урбанистичко планирање за обезбедување инклузивност, партиципативност и јавност во процесот на урбанистичкото планирање и нивното учество е на доброволна основа, наведуваат од Општината.

Врз основа на Законот, во телото членуваат претставници од Комисијата за урбанизам од Општината, стручните лица вработени во правното лице што го изработува урбанистичкиот план, претставници од урбаните и месните заедници, претставници на невладини организации од различни сегменти на урбаниот живот, здруженија на граѓани и граѓански активисти, стручни лица од областа на урбанистичкото планирање и други стручни области суштествени за планирањето и одржливиот развој на градот и нивното учество е на доброволна основа.

– За доставените пријави подносителите ќе бидат известени во писмена форма, во рок од 15 работни дена по истекот на рокот за доставување пријави, велат од Општина Куманово.

Партиципативното тело има консултативна улога преку пренесување на ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги разгледува планските програми во фаза пред тие да му бидат предложени на градоначалникот за одобрување, ги разгледува планските решенија на урбанистичките планови во нивната работна верзија, го разгледува и урбанистичкиот план во фаза на урбанистичко планско решение пред да биде даден на стручна ревизија. Работа на телото е јавна, а начинот на работа е уреден во Деловникот за работа на партиципативно тело донесен од Советот на Општина Куманово на седница одржана минатиот месец.

Јавниот оглас ќе трае до 10 декември 2020 и е објавен на веб-страницата на Општината и на огласната табла.