Во ликовниот салон на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп денеска е отворена изложба на дела од уметникот Дамјан Ѓуров насловена „Лунарно – Соларно, Камено – Метално, Клин“.
На вљубениците во уметноста уметникот Ѓуров им понуди дела за симболично доживување на светот и неговиот космоген карактер. Станува збор за симбиоза на три циклуси преку техничка и идејна концепција.
– Од циклусот „Лунарно-Соларно“ ја потенцирам потребата од симболично доживување на светот и неговиот космоген карактер, во овој случај, во рамките на соларниот систем. Додека, пак, во циклусот „Камено-Метално“ се навраќам повеќе на земскиот карактер и поопипливо ја доловувам земската и архаичната димензија кај човекот, за на крај, во последниот циклус „Клин“, при сосема различен пристап, а сепак симболички, го соочувам човекот со егзистенцијалните проблеми и неговото присуство во општество, објаснува уметникот Ѓуров.
Уметникот Дамјан Ѓуров има голем број самостојни и групни изложби во земјава и надвор од неа.