Децата кои посетуваат настава во подрачното училиште во село Разловци денесka добија подарок книги и лектири од Јавната локална библиотека ,,Илинден”. Како што информираше директорката Биљана Петровска, донацијата се реализира на барање на самото училиште.

-Јавната локална библиотека „Илинден“, неколку пати до сега подаруваше книги и лектири на ученици од повеќе подрачни училишта, но учениците од подрачното училиште во село Разловци, некако останаа заборавени. Денеска за прв пат библиотеката на учениците од Разловци им подари лектири. Во разговор со наставничката по македонски јазик во оваа подрачно училиште, Валентина Даневска, дознавме дека учениците во училиштето немаат лектири и одлучивме да им подариме нови затоа што и децата од Разловци заслужуваат да читаат од нови изданија на лектири, рече Петровска.

Додаде дека претходно вакви акции се реализирани и во подрачните училишта во селата Вирче и Тработивиште.

-Плановите се и понатаму да продолжиме со ваквите активности, се со цел да помогнеме колку што можеме како установа, за да децата ги имаат потребните лектирни изданија, додаде Петровски.

Во моментот како што додадоа од библиотеката, установата ќе продолжи со набавка на најновите изданија на книги со што ќе продолжи трендот на зголемување на бројот на читатели.