Издавачката куќа „Восток“ објави превод на романот „Историја на еден град“ на рускиот писател Михаил Салтиков-Шчедрин, сатирична историја на град кој се бори со проблемите на автократијата.

-Жителите на градот Глупов (кој претставува алегорична слика на кое било општество во светот, во кое било време) не сакаат да живеат во режим на деспотизам и понижување, и затоа никако не можат да го изберат вистинскиот градоначалник и соодветната политичка гарнитура. Во оваа универзална сатира за површноста и медиократијата во општеството, авторот понира до најсуптилните проблеми и потреби на обичниот човек, соопшти издавачот за книгата која на македонски ја преведе Никола Стојановски.

Светската литературна критика го вбројува „Историја на еден град“ меѓу стоте најславни романи на руската книжевност.