Граѓанската иницијатива „И јас сум" поднесе пет предлози за поубаво Неготино до неготинската локална самоуправа, на претходно објавен конкурс за предлагање идеи.

Да се постават рампи на главните улици и јавни институции за непречено функционирање на лицата со посебни потреби, е само еден од предлозите. Се предлага, исто така пракса за матурантите во јавните и приватни институции во општина Неготино. Олеснување во нивната одлука за натамошна кариера и инвестирање во кадри кои се потребни на пазарот на трудот.

-Недела – без кола, е предлог секоја прва недела од месецот, затварање на главните улици со цел заштита на животната средина и будење на здрави навики кај граѓаните. Тоа е уште едно нешто што предлагаме, а за сето досега кажано не е потребно да се вложат пари, за МИА рекоа од оваа иницијатива.

Оттаму предлагаат Неготино да стане кубанската Хавана, прв и единствен олдтајмерски град во Македонија.

-Музејот за олдтајмери по кој е познат градот, да се направи со јавно приватно партнерство, да се постават декоративни олд тајмерски коли низ градот, да се адаптираат сите локали во препознатлив олд тајмерски стил. ,,Вински насади" е идеја плус која може да се реализира преку садење на сите врсти вински насади во парковите како и од влезот до излезот на градот. Оваа идеја може да биде реализирана во соработка со бизнис заедницата на градот, додаваат од Иницијативата.

Притоа нагласуваат дека ќе продолжат да предлагаат и да реализираат проекти кои ќе го направат градот поубаво место за живеење за сите.