По вчерашните реакции на семејството на 41 – годишна почината пациентка на Инфективното одделение во Клиничка болница-Штип, а кои на статус на фејсбук тврдат дека ноќта кога починала 17 пати телефонски барала помош од медицинскиот персонал и не добила одговор на повиците, денеска раководството на Клиничка болница-Штип излезе со соопштение.
-Во врска со смртта на 41 – годишната пациентка на Инфективниот оддел во КБ Штип на 14 ноември и изјавите на семејството за несоодветен третман најпрвин сакаме да изразиме длабоко сочувство до семејството на починатата. Поради тоа што во моментот има вонреден инспекциски надзор од ДСЗИ, како и дадено задолжување на Комисијата за контрола на здравствени и етички прашања при КБ Штип, да го иследи случајот и да поднесе писмен извештај, сметаме дека во моментот е коректно да ги почекаме извештаите. По добивањето на истите, ќе имаме појасна слока за случајот и дали имало евентуални пропусти, се вели во соопштението од Клиничка болница-Штип.
На ова одделение со тешка клиничка слика се лекуваат 55 пациенти од целиот источен регион. Директорот на болницата, Ален Ѓеорѓијев во неколку наврати на прес-конференциите истакнуваше дека голем е притисокот за прием на пациенти на ова одделение, кои се примаат во тешка состојба и им е потребна постојано кислородна поддршка.