Општина Охрид ги намали цените на услугите за паркирање возила во централното градско подрачје, со цел ублажување на последиците што ги трпат угостителите од градот од ситуацијата настаната со епидемијата на коронавирусот.
До надлежното ЈП „Билјанини извори“ што стопанисува со паркинзите низ градот пристигнало барање од Здружението на угостители „Охридски еснаф”, во кое била сугерирана промена на тарифата за паркинг во центарот на градот, пред се од аспект на последиците и загубите што секојдневно ги генерираат угостителите. Со позитивниот одговор здружението смета дека дополнително ќе се зголемила посетеноста на угостителските објекти што во извесна мера би ги ублажило негативните ефекти во нивното работење.
Управниот одбор на ЈП „Билјанини Извори” донесе одлука за намалување на цената за паркинг во централното градско подрачје и тоа во Премиум зоната за периодот до 25 декември, каде паркирањето ќе чини 30 денари од час.
Одлуката е потврдена на последната седница на Советот на Општина Охрид, така што наплатата на паркирањето по новата снижена цена стартува веќе од денеска.