Објектот на детската градинка „Ѕвончица“ во селото Возарци деновиве доби целосно реконструиран покрив, Општина Кавадарци ги обезбеди средствата преку јавниот повик од Владата, информираа денеска од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.

Со добиените пари се изврши демонтажа на старите лесонитни табли, а на нивно место е поставен пластифициран лим на површина од 270 квадратни метри. Изведувач на работите беше фирмата „МЗТ-инжинеринг“ од Битола.

Градинката во Возарци има капацитет за прифаќање на 25 до 30 деца. На површина од осумдесетина квадратни метри располага со занимална, просторија за персоналот, чајна кујна и санитарен јазол.

– Овој проект Oпштината го реализираше на барање на жителите од Возарци, соопштија од градоначалничкиот кабинет.

Станува збор за преадаптација на поранешниот објект на амбулантата, кој сега со реконструкцијата е двонаменски.

-Со преадаптацијата општината обезбеди подобри услови за жителите, во згрижувањето на децата од предучилишната возраст. Објектот уште повеќе го подигна и онака добриот стандард на живеење во оваа урбана средина, нагласија од кабинетот на Јанчев.