Наставата од далечина во средното општинско училиште „Ѓорче Петров” во Крива Паланка ќе се реализира само во една смена.
Одговорните од гимназијата информираат дека Наставничкиот совет усвоил нов план за работа во услови на пандемија кој веќе отпочнал да се реализира.
-На седница на Наставничкиот совет на училиштето одржана онлајн, раководните лица, стручните лица и наставниците го разгледаа предлог- планот за работа во услови на пандемија и сите присутни наставници едногласно го усвоија. Согласно планот, наставниците ќе бидат на работа од 7.30 до 13:30 часот, што значи настава ќе се одржува само во прва смена. Дел од наставниците настава реализираат од дома, додека дел од нив настава спроведуваат од училиштето. Сите наставници кои работат од дома имаат одреден ден во кој ќе работат од установата, во кој покрај наставни содржини имаат обврска во тој период да ги внесат сите податоци од педагошката евиденција и документација за учениците, изјави Габриела Стаменковска, директорка на СОУ „Ѓорче Петров”.
Засега наставата од далечина во училиштето, рече, се одвива непречено, додека согласно наставните програми од стручното образование кое се спроведува во оваа воспитно-образовна установа, практична настава посетуваат 131 ученик.
Неодамна во гимназијата беше извршена набавка на нови лаптоп-компјутери, со што сите наставници и стручни соработници се опремени со нова ИТ-опрема за тековно работење.