Германскиот филм „Разврска“ со популарните актери Луис Хофман и Оливер Масучи (познати од серијата „Темнина“ на „Нетфликс“ ) од денеска е на репертоарот на киното „Милениум“ во Скопје во терминот од 16.30 часот.

Станува збор за адреналинска трилер-драма снимена во диви планински предели. Филмот е целосно снимен со три GoPro камери прикачени на двајцата главни актери, и практично се „вткаени“ во драматургијата на филмот. Филмот во режија на Рик Остерман (инаку искусен телевизиски автор), беше дел од натпреварувачката програма на дебитантски филмови на Интернационалниот филмски фестивал „Црни ноќи“ во Талин.

На 25ти и 25ти месецов „Разврска“ ќе биде прикажан и во Кинотеката на Македонија. Филмот трае 98 минути. Дистрибутер за Македонија е КТ Филм и Медиа од Битола.

Кратка содржина: Татко и син, отуѓени еден од друг, тргнуваат на едно диво патување. Патувањето се претвора во авантура во која и двајцата мажи треба да се справат со минатото и сегашноста на другиот. Главните ликови во филмот треба да се справат со прашањето – како да се победи отуѓеноста?