Денот на ослободувањето на Тетово во Втората светска војна 19 ноември 1944 година денеска беше одбележан со традиционалното положување цвеќе пред Споменикот на Револуцијата во градот.

Цвеќе пред споменикот положија претставници на општинската организација на Сојузот на борци Тетово, како и делегации на Армијата и полтичките партии ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ.

-Општинска организација и нејзините поддржувачи и продолжувачи го одбележуваат 19 ноември – Денот на ослободување на Тетово, што претставува 76-годишнина од ослободувањето на градот. Ова за нас во вакви пандемиски услови, претставува проблем, сеќавајќи се на тоа колку граѓаните од Тетово го исчекуваат прославуавњето на овој значаен празник. Се собравме денес да оддадеме почит на сите загинати борци во текот на Народноослободителната антифашистичка борба, истакна Јоцко Димитриевски, претседател на општинската организација на Сојузот на борци.

Сојзуот на борци и понатаму не добива поддршка за организација на овој празник од Општина Тетово, која за општински празник го одбра 3 март, како ден кога се формирал првиот повеќе партиски совет.

-Ние го славевме како роденден на Тетово, со разни манифестации а во последно време политичките гарнитури мислам на градоначалникот и Советот на општина Тетово не се ангажирани да го обележат овој заеднички празник. Никаде и нема државно знаме, не му придаваат значење. Ние како општинска организација нема никогаш да го заборавиме овој празник, ќе го чествуваме во чест на сите загинати борци кои се бореа за слобода на Македонија, рече Димитриевски.

Организацијата веќе 14 години нема и поддршка од Општината да се постават бистите на народните херои на Тодор Ципоски Мерџан и Ѓоце Стојчески Амбарче кои во 2006 се отстранети при реконструкција на плоштадот.

-Горливо прашања, проблем кој не засега како Сојуз на борци и сите граѓани. Имаше повеќе состаноци со релевантни чинители како и каде да се постават бистите. Едни, велат да се стават во паркот кај споменикот на Ѓоце Стојчески Амбарче, други во дворот од Музејот на тетовски крај. Нема меѓусебна доверба и соработка да на еден свечен начин бистите на Тодор Ципоски Мерџан и Ѓоце Стојчески Амбарче да бидат поставени тука пред Споменикот на Револуцијата. Ние бараме да бидат на старото место на плоштад, сакаме тука да бидат на постамент, рече Димитриевски.

Поради пандемијата свеченоста по повод 76-годишнината од ослободувањето која Сојузот лани ја востанови, година не се одржа, но беше снимена пригодна програма и објавена на локалните медиуми.