Територијалната противпожарна единица од Кочани доби специјално противпожарно возило за интервенции на висококатници и објекти кај кои е отежнат пристапот, како и посебна опрема за евакуација на лица.

Возилото го донираше Противпожарната служба на Крањ и локалната самоуправа на словенечкиот град, со кој Општина Кочани има повеќегодишна соработка.

– Возилото е веќе користено, но одлично сочувано, исправно и функционално. Располага со метална скала со должина од 30 метри, со што многу ќе ни олесни при интервенции кај пожари на објекти со повеќе катови. Исто така, и спасувањето на загрозени лица кои се во внатрешноста на запалените објекти ќе биде многу полесно и побезбедно, изјави Благој Паунов, командир на Територијалната противпожарна единица од Кочани.

Во обезбедување на донацијата, неопходната логистика, документација и транспортот на возилото помогнале и поранешни жители на Кочани кои повеќе години живеат и работат во Словенија.

Противпожарното возило од ваков тип е прво во возниот парк на Територијалната противпожарна единица од Кочани, а во наредниот период пожарникарите ќе добијат дополнителна обука за негово користење.