Во Општата болница во Охрид во моментов има 104 хоспитализирани пациенти инфицирани со Ковид-19. Од нив 40 се на кислородна поддршка. Според статистичките податоци од почетокот на епидемијата во Охрид се регистрирани 1.255 заразени лица, од кои 526 се се уште активни.
Директорот на Општата болница Горан Балевски изрази загриженост што меѓу заболените има голем број млади лица.
– Меѓу болните голем број се млади, без други заболувања претходно, кај кои болеста се манифестира во најлоша можна форма. Едноставно коронавирусот е како бура која за само неколку часа носи човечки животи, изјави Балевски.
Тој уште забележува дека во неговата долгогодишна работа не се има соочено со ваква здравствена криза.
– Состојбата е исклучително тешка и комплексна. Здравствениот систем е сериозно оптоварен и затоа апелирам до граѓаните да бидат крајно внимателни и да ги почитуваат мерките на заштита, со што ќе се заштитат себеси, а на тој начин ќе ни помогнат и нам, нагласува тој.
Според информациите во болницата во Охрид се уште има слободни легла, а доколку се јави потреба ќе бидат вклучени во системот капацитетите на останатите здравствени установи во градот.