Еден од приоритетите на локалната самоуправа, гасификацијата на Гевгелија, беше повод за одржаната онлајн јавна расправа по студијата за оценка на влијанието врз животната средина за гасоводното поврзување на земјава со Грција.
На јавната расправа учествуваа претставници на градот Гевгелија и месните заедници Прдејци, Миравци и Смоквица, низ чии територии минува трасата на интерконективниот гасовод, а студијата беше изработена од страна на инвеститорот АД ,,Национални енергетски ресурси,, и доставена до организаторот, Министерството за животна средина на чија што веб страница останува достапна на увид на јавноста.
-Пред околу една година донесовме одлука за изработка на техничка документација за изградба на секундарна мрежа за гасификација на општината заради што побаравме и добивме финансиска помош од УНДП и од Шведската агенција за меѓународен развој. Со таа одлука јасно ја изразивме и желбата гасот да биде енергенс на иднината како најекономичен за користење од страна на домаќинствата и правните субјекти, велат од општина Гевгелија.
За изработка на проектната документација за изградба на секундарната мрежа општина Гевгелија доби 1,7 милиони денари или околу 30.000 долари, а за изградба на примарната мрежа која предвидува внесување на гасот во земјава и негово транзитирање до мерните регулаторни станици во општините е задолжена Грција.
Покрај Гевгелија во грчкиот крак од интерконективниот гасовод ќе се приклучат и општините Богданци, Демир Капија и Неготино.