Во големиот салон на Галеријата „КО-РА“ во Домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје синоќа е отворена изложбата „Капиталистичка авантура“ на Перо Кованцалиев.

Кованцалиев дипломирал и магистрирал скулптура на Факултетот за ликовна уметност на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Како слободен уметник активно е ангажиран во истражувањето во сферата на визуелните уметности, каде е присатен преку повеќе медиуми, вклучувајќи ги и просторните интервенции. Голем дел од неговото творештво е со тематика посветена на актуелните глобални процеси со кои се соочува современото оштество. Укажува на сериозноста на последиците од технологизацијата и акумулацијата на излишното како последица на хиперпродукција која предизвикува се поголемото загадување и девастирање на човековата средина, со несогледиви последици и за човекот и за природата.

Како што истакна Виолета Калиќ, историчар на уметноста, Кованцалиев воедно укажува и на конзумеризмот, како и на бројните малформации од социолошки аспект.

Перо Кованцалиев е добитник и на наградата на ДЛУМ „Боро Митриќески“.

Изложбата „Капиталистичка авантура“ е поддржана од Министерството за култура и ќе биде отворена до 28 ноември 2020.