По три месечен прекин, за кој причина беше неисплатен долг од околу 4 милиони евра од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кон турскиот изведувач „Серка Акели", продолжи изградбата на браната „Конско".
Настанатиот прекин, соопштија од Општина Гевгелија, сега ја пролонгира изградбата на браната вредна 40 милиони евра, која наместо до крајот на оваа година треба биде готова до летото 2021 година.
Согласно договорот со изведувачот, 60 отсто од проектот бил завршен до јуни годинава кога работите биле прекинати се до исплатата на долгот.
Гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков објасни дека од МЗШВ му било речено дека исплатата на долгот доцнела поради чекањето на ребалансот на буџетот.
-Со изградбата на овој капитален проект, за Општина Гевгелија ќе обезбедиме редовно снабдување со квалитетна вода за пиење, за наводнување на земјоделските површини, за производство на електрична енергија, како и за дотур на вода до Дојранско Езеро, ако се јави потреба за тоа, рече Поцков.
Секторот за урбанизам, посочи Поцков, ќе изработи и план за изградба на туристичка населба на брегот на вештачката акумулација која е оддалечена дваесетина километри од Гевгелија и ќе претставува нова содржина во локалната туристичка понуда на општината.