Ново санитетско возило обезбеди ЈЗУ Здравствен дом во Неготино, информираа денеска од таа јавна здравствена установа.
Од Здравствениот дом информираат дека и натаму продолжуваат со максимална одговорност, опременост и ангажирање на целокупниот здравствен персонал да излегуваат во пресрет на потребите на населението во општините Неготино и Демир Капија.
– За таа цел, заради дотраеност на постоечките, а зголемена потреба од санитетски возила, успеавме со сопствени средства да извршиме набавка на ново санитетско возило кое веднаш се става на потребите на населението. И покрај големиот број Ковид-позитивни во нашата општина, ние успеваме да се носиме во секој поглед со огромниот предизвик, соопштија од Здравствениот дом и апелираат за почитување на превентивните мерки.
– Не излегувајте непотребно од вашите домови, воздржете се од групирања и непотребни контакти.
Само заеднички ќе го надминиме овој тежок период за сите нас. Да се чуваме сите заеднo, порачаа од неготинската јавна здравствена установа.