Сто кубни метри ризла и 50 тони сол обезбеди службата за зимско одржување локални патишта и улици во Кавадарци. Ова денеска на прес-конференција го соопшти Драган Рамов, раководител на Одделението за инспекција при локалната самоуправа.

Тој нагласи дека и оваа година како лани, пракса ќе биде во централното градско подрачје да се фрла само сол. За да има, како што рече, поголема ефикасност, но и да не се затнува атмосферската канализација.

– Правното лице задолжено за одржување локални патишта и улици, според извршената контрола од наша страна, е спремно за успешно да ја изврши работата за која е ангажирано од општината, информираше Рамов. Општината Кавадарци располага со голема должина на улична мрежа од околу 70 километри и поголема километража на локални патишта, но тој беше дециден дека спремноста е на највисоко ниво, за да се одговори на предизвикот.

Рамов упати апел до сопствениците на возила, во услови кога ќе падне снег, соодветно и самите да делуваат и да ги ослободат коловозите за да не ја попречуваат работата на зимската служба.