Палењето контејнери го загадува воздухот, апелираат од регионалното еколошко друштво „Еко-живот" од Кавадарци.

-Несовесни истураат во контејнери пепел со жар кои им останале после греење. Ги палат контејнерите и дополнително ја загадуваат околината, која и онака трпи последици од штети од повеќе извори на загадување. Апелираме на поголема внимателност и еко свест, рекоа од „Еко-живот" за МИА.

Од Територијалната противпожарна единица и „Комуналец" од Кавадарци потврдија дека со почеток на грејна сезона, почнува и палење на контејнери низ градот.

-Тоа, за жал, се случува и покрај тоа што поставивме метални канти со специјална намена за во нив да се исфрла пепел. Исто така апелираме, ако некаде нема таква канта, пепелта да не се исфрла во контејнер, пред да се провери дали можеби во неа останало некое жарче, појаснија од комуналното претпријатие.