Дебарската единица на Јавното претпријатие „Македонија пат“ е подготвена за зимската сезона со потребната количина абразивен материјал и со соодветна механизација.
Под надлежност на оваа единица се патишта во должина од над 110 километри кои минуваат низ дебарскот регион, кој е познат по обилните снежни врнежи и чести лавини и одрони.
-Во нашиот пункт во селото Долно Косоврасти имаме резерва од 420 тони сол и 150 кубни метри ризла, што сметаме дека е доволно за одржување на патиштата кои се под наша надлежност. Тоа се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар – Маврово), Дебар – Глобочица (патен правец Дебар – Струга), патот кон граничниот премин „Блато”, кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост – Центар Жупа или над 110 километри, изјави за МИА Деар Лиманоски, раководител на секцијата.
Според него, единицата располага и со потребната механизација, а оваа недела треба да пристигнат возила за чистење снег обезбедени од трето лице.
Од 5 ноември секцијата работи со 24-часовно дежурство и нејзините вработени се подготвени да интервенираат за да нема прекин во сообрајќајот.
Поради влажни коловози и помали одрони кои моментно ги има, Лиманоски препорачува многу внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација.