Здружението Охрид СОС достави 5.522 потписи од петицијата „Барање за преземање итни мерки за спас на Преспанското Езеро" до Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Потписите, како што соопшти Здружението, биле собрани во период од 25 септември до 25 ноември, а петицијата е поддржана од 31 граѓанска организација.
– Во прилог кон потписите беше доставен допис, во кој се осврнавме на активностите за кои дознаваме преку соопштенијата на МЖСПП, како и дописот кој Министерството го испрати до нас на 28 септември. Од тогаш, па до денес забележуваме напредок во однос на експертската група, која работи на изготвување акциски план, стои во соопштението.
Забележуваат дека нема информација за трилатералното тело, кое, како што е наведено, треба да работи на координирани мерки и активности со оглед на тоа што Преспанско Езеро припаѓа на три држави. Сооред соопштението на Охрид СОС, не се реализирала ниту најавата за можно прогласување кризна состојба во Преспанскиот слив која била најавена за 1 октомври годинава.
– Го повторивме барањето за посветена страница со сите поврзани документи, тајмлајн, каде секој, во секое време ќе може да се информира за состојбата, најновите сознанија, мерките, што точно се работи и каков е напредокот. Ја реафирмиравме и потребата од прогласување кризина состојба за непречено и ефикасно спроведување на мерките, како и интензивирање на прекуграничната соработка и дефинирање на работни задачи до крајот на годината. Очекуваме акциски план, кој беше најавен за крајот на ноември, а за кој сè уште нема информација, да биде објавен и ставен во акција час поскоро, посочуваат од Охид СОС.
Петицијата, како што е нагласено, е отворена и Охрид СОС повикува на поддршка со цел да се најде одржлив начин на управување за Преспанското Езеро.