По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, стручни служби од Општина Кочани го посетија Основното училиште „Малина Попиванова“, при што донираа училишен материјал и дидактичка опрема за учениците со посебни потреби кои следат настава во специјалните паралелки.
Поради физичкото отсуство на учениците предизвикано од пандемијата од Ковид-19, претставниците од локалната самоуправа се сретнаа со наставниот кадар кој работи со овие паралелки, при што се запознаа со начинот на реализирање на наставниот процес.
– Имаме три паралелки за учениците со попреченост, од кои една е комбинирана, за настава од прво до петто оделение, а другите две се за предметна настава. Поради состојбата со пандемијата, во моментот само едно дете во трето одделение е вклучено во наставата со физичко присуство. За другите, иако од ресорното министерство имаме добиено согласност за физичко присуство, наставата се изведува онлајн. Иако тоа е малку потешко за нив, сепак добро се справуваат и на задоволително ниво ја совладуваат материјата што им е зададена, истакна Благој Петров, директор на ОУ „Малина Попиванова“.
Преку проектот Општинско корисна работа, во ова училиште се ангажирани и образовни асистенти кои на учениците со попреченост им помагаат во совладувањето на наставните содржини и подигањето на меѓусебната комуникација.
Основното училиште „Малина Попиванова“ во 2018 година доби и сензорна соба наменета за децата со попреченост, а според оценката на дефектолозите, таа значително ги подобрува нивните можности да одговорат на наставните потреби.