Во изложбениот салон во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокипев“, денеска беше отворена ретроспективната изложба „45 години творештво на Мики Трендафиловски“. Изложбата содржи 20-тина слики и цртежи преку коишто се претставени творечките фази на ликовниот автор.
Изложбата ја отвори, историчарот на уметност од центарот, Роберт Цветковски кој се наврати на почетокот на творештвото на авторот кој поминал повеќе фази во креирањето на уметничките дела, како и правците по кои е препознатлив.
– Преку 20-тина слики и цртежи создадени во различни техники претставени се творечките фази на ликовниот уметник во текот на 45-годишното творештво, рече Цветковски.
Авторот Трендафиловски потенцираше дека за да бидеш сликар, значи да бидеш човек кој има свој свет, свои погледи и своја приказна на животот која често пати не е разбирлива и прифатена од околината во која живееш, истакнувајќи дека изложбата ја посветува на неговиот син Матеја, чијшто портрет е дел од поставената изложба. Повод за оваа изложба е сликата „Раѓање на …“ создадена во далечната 1974 година кога почнал со активното ликовно творештво. Проектот е поддржан од Министерството за култура. Мирослав Трендафиловски (Мики) e сликар, роден 1958 година во Куманово, каде живее и работи како самостоен уметник. Досега има реализирано 27 самостојни изложби и учествувал на голем број меѓународни ликовни колонии и групни изложби во земјава и надвор од неа. Заинтересираните можат да ја проследат изложбата, почитувајќи ги здравствените мерки и протоколи сè до 10-ти месецов.