Во Делчево се одржа промоцијата на книгата „Копита и рогови“ со најдобрите одбрани кариактури од познатиот карикатурист Јордан Поп Илиев. Промоцијата беше поддржана од Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“, а промотор беше познатиот сатиричар Миле Ѓорѓијоски.

-Промоцијата се одржа онлајн и беше еден вид изненадување за авторот кој не знаеше дека ќе има промоција. Јордан Поп Илиев е едно од најеминентните имиња во македонската карикатура и пошироко во Европа и денес наполни 80 години, а оваа промоција е еден вид благодарност на сето она што тој го даде за македонската карикатура, рече Ѓорѓијоски.

Како што додаде Методи Толевски, директор на делчевскиот центар за култура, ова е трета промоција реализирана во соработка со Ѓорѓијоски.

-Јас секогаш ги прифаќам идеите на Ѓорѓијоски кога се во прашање ваквите промоции. Ова е трета промоција за која авторот не знае дека ќе се одржи. Многубројните награди кои Јордан Поп Илиев ги има добиено за своите дела насекаде во светот беа уште поголем мотив да ја направиме оава промоција, додаде Толевски.

Центарот за култура во меѓувреме се подготвува за организирање на Ликовната изложба која ќе биде наменета за лицата со посебни потреби како дел од Неделата на хуманоста, како и за прогласување на победниците од литературниот конкурс во рамки на манифестацијата Вапцарови бранувања.