Со свежо цвеќе пред споменикот кај Центарот за култура „Марко Цепенков“, Прилеп ја одбележа 27-годишнината од смртта на великанот Блаже Конески, оддавајќи му почит на кодификаторот на македонскиот литературен јазик, на поетот, прозаист, литературен историчар, професор на Филозофскиот факултет во Скопје и прв претседател на МАНУ.
Пред споменикот на Конески се поклонија делегации на локалната самоуправа, предводена од градоначалникот Илија Јованоски, на Советот на Општината Прилеп, претставници од основното училиште „Блаже Конески“ и од општинската организација на СДСМ.
Блаже Конески е роден на 19 декември 1921 година во прилепското село Небрегово. Почина во Скопје на 7 декември 1993 година.