Лазар Наумов е штипјанец и е познат по музиката, не е политичар и луѓето обично ги сакаат пејачите, бидејќи немаат црна дамка за себе, порача на денешната прес-конференција претседателот на ТМРО, Ванчо Шехтански.
Забележа дека на овие предвремени избори за градоначалник на Штип како политичка партија решиле да настапат со народен и семеен човек. Очекува и штипјани масовно да гласаат.
-Зошто се специфични овие избори, иако мандатот ќе биде само девет месеци. Бојкотот не е потребен, затоа што со бојкотот се дава глас за овој ненароден режим, се дава ветар во грб на оваа власт, којашто смени се што е македонско, вели Шехтански.
Смета дека штипјани ја имаат таа историска можност да дадат, како што рече, црвен картон на овој режим.
-Во однос на Програмата се работи за сериозна програма, која е проектирана за период од девет месеци, да се постават главните постулати, за подоцнежниот мандат, кој што ќе биде од септември 2021 па до 2025 година, вели Шехтански.
Забележа дека на Штип му недостасува спортска сала за 7.000 гледачи, во која би се одржувале меѓународни натпревари. Посочи дека туризмот може да се развива и во бања Кежовица, која со години не е искористена, а за решавање на сообраќајниот хаос му се потребни и катни гаражи, додека на младите им е потребен организиран спортски и рекреативен живот.