Амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј денеска го посети Кочани, при што во Инфоцентарот на Пониква оствари работна средба со градоначалникот Николчо Илијев.
Реализацијата на локалните проекти во услови на коронакриза беа тема на средбата на која се разговараше и за можностите за унапредување на соработката.
– Многу ми е драго да слушнам за позитивните работи што се случуваат во општината, за проектите што успешно се имплементираат, како и за фактот што Осоговските Планини сега се прогласени за заштитен предел. Покрај можностите за остварување економска и друг вид соработка меѓу нашата амбасада и општината, би сакала и приватно, со семејството повторно да го посетам Кочани и да ги истражиме природните планински убавини на Пониква, истакна амбасадорката Галовеј.
Во рамки на средбата беше претставена локалната самоуправа, стопанските потенцијали, како и тековните инфраструктурни проекти во Кочани и актуелните инвестиции на Пониква.
– Оваа средба е многу значаен момент за мене лично, а секако и за граѓаните на општината. Се заложив за интензивна соработка на нашите стопански комори со стопанственици инвеститори од земјата што ја претставува и за поврзување со бизнис-партнери од нашата општина, истакна градоначалникот Илијев.
Во рамките на посетата, амбасадорката Галовеј се сретна со претставници на Советот на Општина Кочани, изразувајќи задоволство од неговата конструктивна работа и соработката за клучните прашања од интерес на граѓаните.
Британската амбасадорка ги посети и претставниците на ромската заедница каде се имплементира проект финансиран од британската влада, а во Подлог ја посети и фабриката за преработка на ориз „Даниво“.