Изложбата на цртежи, графики и колажи со наслов „Квадратот низ графики и цртежи“ од авторката Валентина Илијевска, беше отворена денеска во изложбениот салон на кумановскиот центар за култура „Трајко Прокопиев“.

Изложбата ја отвори, историчар на уметност, Роберт Цветковски кој рече дека преку графичкиот јазик на делата Илијевска навлегува во метафизичкиот свет, барајќи ја суштината на човековите вредности.

– Сината коцка/квадрат е симбол на човекот. Исцртаната коцка, налик на отворена кутија, испишани квадрати го симболизираат крстот од кои едниот го презентира женскиот принцип, а вториот машкиот. Сите елементи се во синергија, изјави авторката Илијевска.

Изложбата ќе биде поставена наредните седум дена и граѓаните можат да ја разгледаат, почитувајќи ги здравствените протоколи. Проектот беше одобрен на Министерство за култура.

Претходно, изложбата беше поставена во Домот во култура на Свети Николе, а ќе биде презентирана и во градови од државата.

Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ)-Скопје, оддел графика и графички техники, таа е магистер по конзервација и реставрација на ѕидно сликарство. Таа учествувала на бројни групни изложби и ликовни работилници за кои добила и награди. Од 2010 година активно учествува на многубројни ликовни колонии во државата и во странство Србија, БиХ, Словенија, Египет, Шведска и други.

Живее и работи во Куманово како конзерватор и реставратор при Кумановско-Осоговска епархија во дел за заштита на културното наследство.