Во Музејот на современата уметност во Скопје, од утре, па сѐ до 28 февруари 2021 година, ќе биде поставена ретроспективна изложба на Јован Шумковски насловена „Вода/Ѕид“.

Како што информираат од музејот, ретроспективната изложба го прикажува делото на еден од најзначајните и највлијателни македонски уметници, чија што речиси четири децениска уметничка практика ја дефинира постојан истражувачки интерес и смела инвентивност во формирањето и изразувањето на неговата ликовна мисла и поглед на светот и времето што го живееме.

– Осмислена од самиот Шумковски, концепцијата на поставката, не е претставена како линеарна хронологија на тој развој, туку е повеќе еден вид наративна монтажа на повеќе, привидно хетерогени и комплексни тематски планови, но поврзани истовремено по линија на развој на формите или на содржините, велат во соопштението.

Шумковски е редовен професор е на ФЛУ од 2002 година. Зад себе има над дваесет самостојни изложби во земјава и во светот (Белград, Сараево, Софија, Љубљана, Стокхолм, Париз, Њујорк, Александрија и други). Во 1995 година беше претставник на Македонија на познатото биенале во Сао Паоло во Бразил, а во 2001 на Биеналето во Венеција.

Изложбата може да се погледне секој ден, освен понеделник, од 10 до 20 часот, а во недела до 13 часот. Куратор на поставката е Зоран Петровски, а проектот е поддржан од Министерството за култура на РСМ, информираат од музејот.