Министерот за надворешни работи Бујар Османи во однос на нон-пејперот што специјалмниот пратеник Владо Бучковски го предаде на државниот врв во Бугарија при неговата прва посета на Софија, рече дека досега немаат добиено одговор, а дека во овој период е време овде да се седне и да се рефлектира по однос на тоа што се случи и која би била следната динамика на разговори.
– Нашата претходна динамика на активности беше поврзана со исходот – владина конференција во декември. Бидејќи тоа не се случи, разговараме за нова и временска динамика по однос на започнување на разговорите, меѓутоа сепак ќе треба и ние тука да рефлектираме по однос на тоа што досега го разговаравме, по однос на очекувањата што ги има таму и како да се најде најсоодветниот пристап да се продолжи понатаму. Меѓутоа, ова не значи некаков прекин на комуникацијата. Фактот, како што реков, на присуството денеска на министерот (за здравство) во Софија, меѓутоа и нашите секојдневни комуникации укажуваат дека ние имаме волја да продолжиме понатаму, да не изгубиме ниту еден ден, ниту билатералните прашања не треба да бидат пречка за европските процеси, па ниту изборите да бидат пречка за решавање на билатералните разлики. Ќе продолжиме веднаш после празниците со комуникација. Немаме добиено одговор на нашиот последен предлог како да се надмине прашањето. Се уште го разгледуваат и ќе добиеме одговор, така што на првиот одговор ние веќе ќе одговориме со следен чекор како понатаму, појасни министерот Османи.