Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните стана Aгенција за примена на јазикот на Република Северна Македонија - второто име стои кога ќе ја отворите официјалната веб страна на оваа институција. Како оваа агенција стана надлежна за јазикот на РСМ- формулација која во моментот најмногу и одговара на Бугарија ако се знае нивниот негативен став во врска со македонскиот јазик? Според директорот Илбер Села агенцијата во Централниот регистар била регистрирана со краток и долг назив, а формулацијата на интернет страницата била избрана оти изгледала поубаво.

-Во Централен регистар агенцијата е заведена со долго и кратко име. Долгото е Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Северна Македонија, а краткото Агенција за примена на јазикот на РСМ. На сајтот се одлучивме да го ставиме краткиот назив. Но на службите ќе им кажам да биде ставено долгото име. Тоа го има во сите официјални документи на Агенцијата, вели за Алфа, Села.

Оваа информација се откри откако министерката за образование Мила Царовска на нејзината Фејсбук страница вчера информираше за средба со директорот на агенцијата Села во која самата таа го напишала спорното име на Агенцијата. На прашањето на Алфа зошто се користи оваа формулација, од министерството преку порака само испратиле линк од веб страницата. Подоцна Царовска ја корегираше објавата со долгото име на Агенцијата.