Поради пандемијата со коронавирусот годинава во Тетово наместо Бадниковата литија на деца кои ја исполнуваат празничната песна „Вечниот Бог" се организира поинаков начин на одбележување на овој православен празник.

Изработени се две пештери во кои е изобразено Рождеството Христово, а децата се повикуваат во кутиите до нив да ги оставаат писмените молитви и креативни честитки.

-Дечињата ќе можат да се поклонат на нив, но замолуваме да нема групирање за да ги испочитуваме мерките против корона вирусот. Во нив да оставаат креативни честитки, со молитва кон Новородениот Витлеемски Богомладенец Господ Исус Христос, за скора победа на коронавирусот и молитва за медицинските лица кои се борат против него, како и за тешко болните од него. Го молиме Христа, Синот Божји, да не удостои оваа година во мир да го прославиме Божик, со желби вирусот да биде победен, истакнува отец Илија Деспотовски од тетовското архиерејско намесништво.

Двете пештери ќе ротираат на повеќе места во градот и во црквите. Изминатите неколку години по неколку стотини деца учествуваа на Бадниковата литија и пеењето на песната „Вечниот Бог". Бадникарски литии се организираа во Тетово и неколку други населени места.