Од денеска до сабота, театарската трупа „Сенки и облаци“ ќе го одржи осмото издание на Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“ во онлајн формат преку Фејсбук.

Покрај организаторите од трупата „Сенки и облаци“, во програмата со изведби, работилници и дебата, ќе се придружат и колегите Hayali Balaban, Moscow Shadow Play Theatre, Shadow & Puppet Theater – Ginat, Mottili Theatre, Alaluz Shadow Puppet Theater, Fictionville Studio, Luz, micro y punto и Unterwasser

– Фестивалот е една од ретките манифестации кај нас што во континуитет прикажува претстави од странска продукција пред детската македонска публика, а и оваа година нема да биде исклучок. Театарџиите ќе дискутираат во онлајн дебатата насловена „Сенки во време на пандемија”, а најмалите ќе уживаат во изведбите на домаќините и гостите, како и забавната работилница насловена „Сенки без маски“ закажана за последниот фестивалски ден, во сабота, информираат организаторите на фестивалот.

Театарот „Сенки и облаци“ постои од 2005 година и играта со сенки и светла е единствениот театарски израз кои тие го негуваат. Во својот репертоар имаат сосема различни претстави кои тематски видливо се разликуваат една од друга, но нишката која ги врзува е уникатната естетика и едноставниот, на моменти наивен израз, кој му дава посебен шарм на пренесувањето на приказните. Тие нудат поинакво уживање, ја воведувааат својата публика во еден нов свет кој дотогаш е за нив непознат и со магиска моќ ја водат до самиот крај.

Фестивалот „Сонот на облачето“ е во организација на Театарот „Сенки и Облаци“ и е поддржан од Министерството за култура и Асоцијација за развој на нови опции АРНО.