Националната установа Музеј на тетовскиот крај спроведува дводневна интерактивна едукативна работилница „Грнчарството-занает и уметност“ како дел од годишната програмска работа. Беше ангажиран мајстор грнчар кој на ученици им го пренесе процесот на изработка на грнчарски производи – теоретски и практично, со можност дел од нив самите да изработат предмети од глина.

-Целта на работилницата е потсетување на начинот на изработка на предмети од глина, посочување на важноста на занаетот како извор на живот на поединецот и заедницата во минатото, неговата големина како етно обележје, но и поттик за негување на традицијата од страна на младата популација. При подготовка на овој концепт, појдовна точка ни беше тоа дека занаетот порано бил многу развиен во Тетовско како главна или дополнителна стопанска дејност на поединци или групи. Да не беше годинава со пандемијата, ќе биде едно големо дружење помеѓу школската популација во поинаков простор и повеќе време со натпреварувачки дух и слично, изјави Валентина Гавриловска, виш кустос-етнолог во Музејот.

Како се прави грне, учениците ги запознаваше Слободан Столески од Вранештица, Кичево, чие семејство со векови наназад се занимава со оваа дејност.

-Грнчарството е еден од најстарите занаети со оглед дека со илјадници години се користат земјените производи за домашна употреба, како грнињата, стомните за вода и други. Занаетот е во изумирање, само малку луѓе го работат. Им пренесов на децата да видат како се работи грнчарски производ на гранчарско тркало и покажавме филм каква е процедурата. Од копање на глината во земја, потоа обработка на глината во работилница, обликување во предмети и завршниот дел кога се печат производите во фурната, изјави Столески на работилницата која се одржува под мотото „Животот мора да продолжи“.