По 21 час расправа заврши маратонската седница за Предлогот на Закон за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба со кој се предвидува да му се признае на Макпетрол сопственост на 50 отсто од гасоводот во земјата и да му се исплати цена од 33 милиони евра, седница која пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со филибастеринг се обидоа да ја одолговлечат со цел спречување на носење на овој закон и како што велат тие легализирање на криминал кој треба да го потпише премиерот Зоран Заев.

Меѓу последните дискутанти беше и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој истакна дека обидот на премиерот Зоран Заев вината да ја префрли на Собранието и пратениците преку добивање на овластување во вид на Закон нема да го спречи од кривична одговорност.

- Како е возможно номиналната вредност да изнесува 18 милиони евра а државата да плати 33 милиони евра на приватна компанија, во услови кога Државниот правобранител дал негативно мислење за предложената спогодба, праша Николоски.

Тој додаде и дека доколку пратениците од владеачкото мнозинство го поддржат овој закон не значи дека премиерот Заев ќе биде амнестиран од кривична одговорност.

- Од демократија на дело видовме како премиерот Заев не одвои ниту еден час да дојде во Собранието и да дебатира со пратениците на опозицијата. Тоа што колегите од СДСМ не се присутни во салата кажува дека и самите се свесни која е целта и намерата на Заев. Да му легализираат очигледен криминал односно после ОКТА втор најголем корупциски скандал во историјата на Република Македонија. Но, и ако го направат тоа, не значи дека ќе го амнестираат од одговорност, истакна Николоски.