Македонија ќе ја продолжи комуникацијата со Бугарија за изнаоѓање решение во духот на пријателството, истакна премиерот Зоран Заев. Според него, важно е каква историја ќе пишуваме денес и по што ќе ги паметат новите генерации сегашните политичари. Поддршка за процесот продолжи да доаѓа и од Германија. Директорката за Југоисточна Европа, Турција и државите од ЕФТА во германското Министерство за надворешни работи Сузане Шиц истакна дека разговорите мора да продолжат наредната година, со акцент дека за билатералните прашања, особено историските разлики, нема место во процесот на проширување.

Таа нагласува дека приближувањето на Западниот Балкан кон ЕУ е стратешки важна одлука за регионот, но и за Унијата, па затоа тоа беше еден од приоритетите на претседавањето на Германија со блокот. Но, Шиц, изразува разочарување поради тоа што и покрај „навистина интензивната работа“, Бугарија и Македонија не успеаја да изнајдат компромис, потенцирајќи дека не смее да се заборави дека оти оваа година земјава стана членка на НАТО.

– Во случајот со Македонија, за жал, не е можно Бугарија да се увери да даде согласност. Но, и Македонија имаше црвени линии преку кои не можеше да се премине. Сега разговорите мора да се продолжат наредната година. Притоа, постојано стававме јасно до знаење дека билатералните прашања, особено историските разлики, немаат место во процесот на проширување. Затоа и пледиравме прашањата кои се однесуваат на заедничката историја да се дискутираат во Комисијата на историчари која ја создадоа двете држави во рамките на Договорот за пријателство. Конечно, и Бугарија сака Македонија да може да се приклучи во ЕУ, потенцира Шиц.

Премиерот Заев вчера изјави дека разговорите мора да продолжат во духот на пријателството, добрососедството и градењето подобри односи.

-Многу е важно што правиме со таа историја што денеска ја пишуваме. Дали после 20 години овие деца денеска родени коишто ќе станат возрасни луѓе после 20 години ќе им оставиме траг дека Борисов и Заев не успеале да го решат проблемот, дека ги разделиле народите коишто треба да бидат заедно во ЕУ, да бидат големи пријатели, да соработуваат повеќе, да отвораат економски перспективи, да спортуваат заедно, да има спортски натпревари, културни манифестации и се што друго што постои. Тоа е нели нашата аспирација да бидеме дел од ЕУ на отворени граници каде што дополнително ќе го јакнеме економскиот стандард на целиот наш народ, рече Заев во емисијата „Само интервју“, на телевизија Канал 5.

Нагласи дека целта била со Бугарите да станеме браќа и нашите чекори биле во таа насока. -Многу често сум употребувал мој наратив заради искрената потреба да имаме одлична соработка, најдобро пријателство и се, дека ние сме браќа, треба да градиме пријателство но наеднаш решија татковци да ни станат и тука е проблемот. Така што, обидувајќи се да градите братство, наеднаш решија нашите пријатели да ни станат татко, изјави Заев.

Лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пак вели дека доста се понижувања на сметка на Македонија.

-Бугарија до изборите, до месец април, ќе тренира жестокост врз нас и нашата земја. Бугарија одбра до избори до март – април да тренираме жестина врз Македонците и врз Македонија. Така што од прилика таа стратегија е јасна како ден и се гледа, рече вчера Мицкоски.

Но, не се согласува дека разговорите со Бугарија треба да продолжат и во иднина.

– Апсолутно би ги напуштил преговорите и би го напуштил самиот договор, бидејќи ваквиот договор не нуди решение, туку создава дополнителни проблеми. Замислете што ќе се случува во регионот во иднина кога ќе треба и другите земји да стануваат земји-членки на ЕУ. Зарем вака ќе се уценуваме?, истакна Мицкоски.

Според него, ако услов за договор се хегемонистичките и големодржавните барања на Бугарија, Заев треба да престане да преговара